Цркви / Манастир Св. Богородица – Сливница (Сливнички Манастир)

Манастир Св. Богородица – Сливница (Сливнички Манастир)

Манастирот „Рожество на Пресвета Богородица“ во близина на с.Сливница е едно од културните богатства на Преспа. Комплексот се состои од црква и конаци (крај на 17-ти век), сместени во големиот манастирски двор. Крај црквата има извор на света вода за чии чудотворни и исцелителни  особини, се зборува со почит. Манастирот е подигнат во 1607 година и според описот е граден во три фази, и тоа од 1607, од 1612 и главно во 1645 година. Од тој период потекнува и живописот во храмот, како и дрвениот иконостас со престолните икони, царските двери и големиот крст. Стар е повеќе од 400 години. На западниот влез, од внатрешната страна, има натпис кој кажува дека црквата е изградена и насликана во 1607 година. Многу важна содржина на црквата е ѕидното сликарство, во најстариот дел на црквата од 1607, во припратата од 1712 година. Тоа е сочувано скоро во целост и претставува еден од најзначајните репрезенти на сликарството од пост-византискиот период во Р.Македонија. Живописот во целост е добро зачуван и ги има сите стилски карактеристики на ѕидното сликарство од почетокот на 17 век во Македонија Приметна е грижата која на овој манстир ја посветуваат жителите на селото Сливница, кои  имаат длабока почит кон манастирот и веруваат дека „некоја божја сила има таму“ како што велат самите.   Овој манастир освен со својот живопис и важност како споменик на културата, се одликува со уште една карактеристика. Појавувањата и чудата на Света Богородица. За време на теренските истражувања, во разговорите со селаните беа кажани лични сведоштва за настаните кои се случувале во и околу манастирот. Еден од настаните се случил пред осуманаесеттина години кога посетител на манастирот паднал тешко болен во конаците. Двајца од присутните, колу 23 часот, тргнале кон селото низ високиот снег за да донесат лекарства. Патот назад кон манастирот им го осветлила некоја светлина, а сите биле зачудени кога се вратиле назад во манастирот за само петнаесеттина минути, иако низ висок снег минале околу десет километри. Ова е само една од многуте приказни кои можат да се слушнат во Сливница.