Цркви / Црква Св. Богородица – Крани
Црква Св. Богородица – Крани
Црквата Св. Богородица се вбројува во редот на помалите трикорабни храмови какви што се најмногу се граделе во 19 век. Според сочуваниот натпис, врежан врз еден камен од јужниот ѕид, објектот е изграден во 1865 година. Поголемиот дел од ѕидните површини во внатрешноста се премалтерисани. Фрагменти од стариот живопис насликан во 19 век, се сочувани на северниот ѕид од наосот, веднаш покрај иконостасот. Нешто повеќе ѕидно сликарство има во олтарскиот простор. Во горниот дел на апсидата вообичаено е претставена св. Богородица а во долната зона архијереите св. Василиј Велики и св. Јован Златоуст, предводени од архангелите Михаил и Гаврил. Во малата ниша од протезисот е насликано доподпојасјето на мртвиот Христос а во нишата од ѓакониконот е претставата на првомаченикот и ѓакон св. Стефан.
Во непосредната близина на селото Крани, локалното население изградило уште две помали цркви. Од почетокот на 20 век, поконкретно од 1925 година датирана е црквата Св. Никола а пак за малата еднокорабна црква посветена на Св. Илија нема податоци кога е направена. Најверојатно е дека и таа е обновена на темелите од постаро култно место, во почетокот на 20 век.

